Фудбалерите на Манчестер јунајтед ќе го имаат последниот натпревар сезонава на „Олд Трафорд“.
Противник на „црвените ѓаволи“ ќе им биде Њукасл, директен ривал во битката за пласман во Конференциската лига.
Менаџерот Тен Хаг на прес-конференцијата мораше да одговори прашања околу ростерот за наредната сезона.
Познато е дека клубот го напушта Рафаел Варан, истото ќе се случи и со Касемиро, а се погласни се шпекулациите дека од наредната сезона во тимот ќе го нема и капитенот Бруно Фернандеш.
Иако Фернандеш има уште две години од договорот со клубот, се појавија информации дека Барселона е заинтересирана, но Тен Хаг е јасен за намерата да го задржи.
„Истото прашање како минатата недела. И истиот одговор. Цела оваа година играше исклучително добро, беше важен играч за Манчестер јунајтед, создаде многу шанси во Премиер лигата. Многу асистенции, голови. Јасно е дека тој е многу важен играч за нас“, вели Тен Хаг.
Тој го поддржа и младиот напаѓач Расмус Хојлунд за кого деновиве се пишуваше дека играчите не сакаат да му ја подаваат топката бидејќи немаат доверба во него.