Top Sport

Тен Хаг: Сакам Јунајтед да играат „храбар“ и проактивен фудбал

По нивната најлоша сезона во ерата на Премиерлигата, без Лига на шампиони, со Кристијано Роналдо кој сака да „избега“ од клубот и со само едно засилување ова лето, не е чудо што навивачите на Манчестер јунајтед не се отпимистички расположени и покрај доаѓањето на новиот менаџер Ерик Тен Хаг. Меѓутоа, Холанѓанецот вети дека ќе ги врати „добрите времиња“ во Манчестер со имплементација на „проактивен“ стил на фудбал.

Поранешниот тренер на Ајакс вели дека средбите со навивачите поминале позитивно и дека верува во посветеноста кон клубот.

„Имам чувство дека се посветени на клубот, дека чекаат подобри времиња и дека има љубов кон Манчестер јунајтед. Сакаме да играме проактивен фудбал, на топката и без неа. Да бидеме храбри и да ја имаме топката во нозете за да креираме повеќе можности. Без топка, да поработиме на пресинг и на тимска игра. Тоа е мојата работа, да конструирам тим и да го подобрам. Тоа може да се направи на повеќе начини, но прво треба да ја поставите филозофијата. Потоа да го градите тимот и им дадете на фудбалерите правила и принципи“, вели Тен Хаг за официјалниот веб-сајт на клубот.

Првиот меч на Тен Хаг на клупата на Јунајтед ќе биде пријателскиот меч со Ливерпул во Бангкок, Тајланд во вторник. Тие потоа патуваат во Австралија за мечеви со Мелбурн виктори, Кристал палас и Астон вила во првата подготвителна турнеја од 2019 година.

„Треба да научам, да го запознаам мојот тим, нивните карактери. Мислам дека тоа е најдоброто нешто во оваа турнеја, имаме две недели да работиме блиску заедно и да се запознеме. Тие треба да ги дознааат моите методи, моите тренери и помошници“, додава Тен Хаг.

Scroll to Top