Top Sport

Еклстоун се извини за изјавата дека би примил куршум за Владимир Путин

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун се извини за своите коментари за рускиот претседател Владимир Путин, откако на крајот на минатиот месец во интервју на „ИТВ“ изјави дека би „примил куршум“ за Путин.

Еклстоун, кој честопати зборуваше за своето пријателство со Путин, кој му помогна да го организира Руското ГП во Сочи, изјави дека се работи за „првокласна“ личност и посочи дека вината за војната во Украина е кај украинскиот претседател, Володимир Зеленски. По ова Ф1 се дистанцираше од 91-годишниот поранешен шеф и му го откажа гостопримството за Австриското ГП овој викенд.

Сега, во интервју за „Скај спортс“, Британецот сакаше да ги разјасни своите коментари.

„Најверојатно е добро да тргнам некои работи од душа, некои работи кои ми пречеа за тоа што го кажав и за тоа што луѓето мислеа дека кажав. Често луѓето кажуваат работи без да размислуваат многу, најверојатно и јас го направив истото и сфаќам што луѓето мислат дека го бранам тоа што го прави во Украина, што не го правам. Јас, самиот, израснав за време на војна и знам какво е чувството и жал ми е за луѓето во Украина што страдаат за нешто што не направиле. Не направиле ништо погрешно и сакаат да си продолжат со животот, да одат во училиште, да заработат пари. Тоа не е добро за никого и затоа мислам дека треба да дојдат до договор. Жалам ако нешто што кажав вознемири некого, бидејќи тоа не беше намерата“, вели Еклстоун.

Ф1 се дистанцираше од Еклстоун по неговата изјава дека би „примил куршум“ за Путин

Scroll to Top