Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, почнува да се премислува за Хари Мегваер. Досега се веруваше дека стратегот сака да се ослободи од него, но во последните денови, сепак, Холанѓанецот е се понаклонет да го остави Мегваер на „Олд Трафорд“, а причината е што клубот нема доволно ресурси да му најде квалитетна замена, пишува „Манчестер Ивнинг Њуз“.
Клубот одреди цена од 50 милиони фунти за продажба на Мегваер, но прашање е дали ќе се појави заинтересиран клуб да го купи за оваа цена. Се споменуваа Тотенхем и Њукасл, но веднаш се откажаа откако ја слушнаа отштетата што треба да ја добие Манчестер Јунајтед.
30-годишниот Мегваер пристигна на „Олд Трафорд“ од Лестер за рекордни 80 милиони фунти за еден дефанзивец. Сепак, тој сериозно разочара со настапите за „црвените ѓаволи“, иако ја доби капитенската лента.
Англискиот репрезентативец за Манчестер Јунајтед има 175 настапи, седум гола и пет асистенции. Минатата сезона, сепак, имаше периферна улога, играјќи само осум натпревари како стартер во Премиерлигата.