Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, денеска е успешно опериран откако ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено, соопшти „кралскиот клуб“.
Реал во краткото соопштение истакна дека белгискиот голман во следните неколку дена ќе го започне процесот на рехабилитација, без да прецизира колку време ќе биде надвор од терените.
Ваквите повреди обично значат најмалку осум до девет месеци пауза.
Куртоа се повреди пред една недела на тренинг и неговото долго отсуство го принуди Реал Мадрид да го донесе Капа Аризабалага на позајмица од Челси. Тој беше претставен во вторникот.
По белгискиот голман, наскоро на операција ќе мора да оди и бразилскиот дефанзивец Едер Милитао, кој ја заработи истата повреда во саботата против Атлетик Билбао.
Младиот играч за врска Арда Ѓулер исто така беше успешно опериран во понеделникот поради повреда на менискусот на десното колено. Тој треба да биде надвор од терените околу два месеци.