Како и минатото лето, и во јануари, српскиот играч од средниот ред на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ беше еден од играчите околу кого се вртеа неверојатни суми (од 100 милиони евра нагоре), за по крајот на преодниот рок во Италија, тој да си остане во Лацио.
Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Пари Сен-Жермен и на крајот Милан, имаа неофицијални понуди за популарниот СМС, со последната од Милано за неверојатни 40 милиони евра за едногодишна позајмица. На крајот, ништо.
Спортскиот директор на Милан, Леонардо, кој неодамна изјави дека нормално дека би го сакал Милинковиќ-Савиќ во тимот но едноставно нема пари, сега вели дека тие воопшто не дале понуда за Србинот, кому сега му претстои уште една сезона на „Олимпико“.
Контроверзниот претседател на Лацио, Клаудио Лотито се гордее со тоа што е „најтешкиот преговарач“ во Италија, во спротивност на соседите Рома, кои во последните сезони мораа да се бранат дека не се „супермаркет“ по продажбата на фудбалери како Мо Салах и Раџа Наинголан. Лотито уште е во конфликт со македонскиот репрезентативец Горан Пандев, кој мораше со арбитража да бара да биде ослободен од договорот со „лацијалите“.
Милинковиќ-Савиќ е несомнено талентиран фудбалер, но сумата од 150 милиони евра, и покрај денешниот „напумпан“ пазар едноставно е нереална. За него речиси сигурно ќе биде добро да остане уште една година на „Олимпико“ за да ги подобри своите способности, но една година е многу во светот на фудбалот, и кој може да гарантира дека СМС ќе привлече исто внимание и во 2019, за Лацио да може убаво да „искешира“?