Top Sport

Топспорт во Порто….Димитриевски: Да го исполниме сонот – Македонија да биде дел од мундијалот!

Топспорт во Порто,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва го игра историскиот финален натпревар од баражот за Светското првенство во Катар. Португалија и Кристијано Роналдо се последната пречка до мундијалот, а македонските репрезентативци се надеваат дека можат да направат уште една светска сензација, откако претходно ја елиминираа Италија.

На врвно ниво мора да бидат сите, а многу работи ќе зависат и од голманот Столе Димитриевски. Тој е оптимист и верува во успех.

„Овој меч е тоа што го посакувавме цел живот. Сонувавме да ни се случи, а сега сакаме сонот да го превториме во реалност. Го заслуживме со добри игри и победи и ќе се бориме до последен атом за да ја исполниме целта. За да го исполниме и сонот на цела Македонија“, вели Столе Димитриевски.

Тој не стравува од Кристијано Роналдо и соиграчите, иако признава дека Португалија е неверојатно силна селекција составена од ѕвезди на европскиот фудбал.

„Јасно е дека ќе биде тешко. Ова е борба за Светско првенство. Португалија е една од најсилните светско репрезентации, имаат одлични индивидуалци. Наше ќе биде да одиграме најдобро што знаеме, секој добро ја знае својата улога и задача во тимот и ќе играме со една цел – да победиме и да одиме на мундијалот во Катар“, потенцира Столе Димитриевски.

Дуелот се игра вечерва, на стадионот „Драгао“ во Порто, а сите 50.000 билети се распродадени. На трибините се очекува да бидат присутни и околу 2.000 македонски фанови.

Scroll to Top