Доминик Ливаковиќ одигра светско првенство за паметење. Освен што го освои бронзениот медал, тој беше и еден од најдобрите голмани на турнирот.
Во текот на Мундијалот започнаа шпекулациите дека голманот ќе го напушти Динамо Загреб, во зимскиот преоден рок. „Тутомеркато“, тврди дека три клуба се заинтересирани за неговите услуги: Баерн, Реал Мадрид и Јувентус.
Италијанците наведуваат дека Баерн и Реал се пред Јувентус, но дека италијанскиот клуб е веднаш зад нив. Имено, тимот од Торино сака да се обезбеди за во иднина бидејќи полскиот голман Војчех Шчесни наскоро ќе го напушти клубот. Цената на Ливаковиќ според „Трансфермаркт“ е 8.500.000 евра, но по Мундијалот е многу повисока. Според хрватските медиуми, Динамо за него ќе бара најмалку 15.000.000 евра.
Ливаковиќ не беше прогласен за најдобар голман на Светското првенство, но неговата статистика е импресивна. Тој собра вкупно 25 одбрани, додека аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, кој беше прогласен за најдобар, собра седум. Ливаковиќ особено се истакна во пенал-сериите против Јапонија и Бразил.