Top Sport

Уапсен Луис Рубиалес на аеродромот во Мадрид

Поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес во средата наутро од Доминиканската Република пристигна во Шпанија и веднаш беше уапсен на аеродромот во Мадрид.

Во акција на шпанската полиција на 20 март беа уапсени седум лица поврзани со перење пари, а во врска со договорот на Суперкупот на Шпанија да се игра во Саудиска Арабија.

Во рацијата на 20 март, била претресена и куќата на Рубиалес во Гранада, а бидејќи тој бил надвор од државата, по него Обвинителството распиша потерница.

Потоа се испостави дека Рубиалес е во Доминиканската Република, а тој самиот тврдеше дека бил во оваа земја поради бизнис.

Веднаш штом слетал на аеродромот, полицијата го приведе по наредба на Обвинителството.

Се очекуваше да пристигне во Шпанија во сабота, но тој реши да не го одложува враќањето во земјата.

За овој случај од минута во минута известуваат шпанските медиуми. Како што е соопштено, Рубиалес ќе биде сослушан во Централната оперативна единица, каде што е однесен од аеродромот Барахас. При апсењето, полицијата го информирала за неговите права и му ги одзела мобилните телефони и целата електронска опрема.

Рубиалес е под истрага и од полицијата и Обвинителството за корупциски случај што ги наведе истражителите до фактот дека Рубиалес, како претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија и доделувал тендери на градежната компанија Груконс во „замена за уплати кон компанијата „Доместик Спортс“, која ја водел личниот пријател на Рубиалес, Франциско Хавиер Мартин Алкаид, попознат како Нене.

Сите овие зделки кои полицијата ги истражува директно и индиректно водат кон проектот во Саудиска Арабија.

Scroll to Top