Top Sport

Украинците ја бришат сопствената фудбалска легенда Тимошчук

Украинската фудбалска федерација (УАФ) најави одземање на сите достигнувања на рекордерот по бројот на настапи за украинската репрезентација, Анатолиј Тимошчук, откако тој продолжи да работи во рускиот клуб Зенит Санкт Петерсбург и не се јави со осуда на руската инвазија на земјата.

42-годишниот Тимошчук имаше 144 настапи за Украина во 15-годишната кариера која ја заврши во 2016 година. Тој ја почна својата кариера во Воли Луцк, пред да се приклучи на Шахтјор Доњецк и да се пресели во Зенит во 2007 година, со кои го освои УЕФА купот. По ова следуваше трансфер во Баерн Минхен, пред да се врати во Зенит, а кариерата да ја заврши во Каират во Казахстан. Пред пет години тој се приклучи на тренерскиот тим на Зенит, кој го предводи Сергеј Семак.

„Од почетокот на руската воена агресија против Украина, поранешниот капитен Тимошчук не само што не даде јавна изјава за осуда, туку не ја престана соработката со клубот на агресорот. Тој продолжува да биде тивок и да работи за агресорот, така што штети на имиџот на украинскиот фудбал и прекршување на кодот на етика на УАФ“, велат од федерацијата.

Тие побараа одземање на неговата тренерска лиценца и губење на сите „државни награди и почести“, како и домашните титули со Шахтјор.

Scroll to Top