Големата пресметка меѓу Атлетико Мадрид и Јувентус заврши со 2:0 победа на шпанскиот клуб, обезбедена во последните минути од мечот, откако прво ВАР системот им поништи еден гол на Алваро Мората и не им досуди еден пенал, додека во Гелзенкирхен, Манчестер сити стигна до импресивна 3:2 победа над Шалке, откако домаќините дојдоа до 2:1 водство преку два гола од пенал.
УЕФА го воведе ВАР-системот за мечевите од осминафиналето на Лигата на шампионите и контроверзниот систем, нормално, донесе нови контроверзи. Ајакс беа бесни откако нивниот прв гол против Реал Мадрид беше поништен поради контроверзен офсајд, а вечерва ВАР имаше главна улога на мечот во Германија.
Во првите 45 минути двата противници на „Ванда метрополитано“ беа израмнети, откако Јувентус се закани преку Кристијано Роналдо од слободен удар и преку Лео Бонучи со убав удар на главата, додека на другата страна Шчесни ги одбрани ударите на Гризман и Томас. Најконтроверзниот момент беше по половина час игра, кога судијата прво покажа на белата точка, за потоа со помош на ВАР да одреди дека Де Шиљо го фаулирал Диего Коста надвор од шестнаесетникот.
Атлетико беше многу подобар противник во второто полувреме, откако прво Диего Коста во 52. минута промаши чист „зицер“, а само две минути подоцна Гризман ја погоди пречката! Алваро Мората влезе како замена против поранешниот клуб, и во 70-тата минута ја затресе мрежата на Шчесни пред судијата Феликс Цвајер да го поништи голот поради престрого досуден фаул од Мората над Кјелини.
Сепак, „јорганџиите“ дојдоа по своето во последните 15-тина минути. Во 78. минута по силниот удар со глава на Мората по корнер, топката се одбива од Манџукиќ и стигнува до Хименез кој од седум метри не промашува за водство! Диего Годин, уште еден Уругваец во дресот на Атлетико, ја удвои предноста во 83. минута повторно во ситуација од корнер, кога топката стигнува до Годин, кој го погоди Роналдо и потоа голот на Јуве.
Судијата Карлос дел Серо Гранде беше во центарот на конфузијата во Гелзенкирхен по досудениот пенал за домаќините во првото полувреме. Сити водеа преку голот на Серхио Агуеро, а домаќините имаа шанса да израмнат кога Николас Отаменди играше со рака по шутот на Даниел Калигури, кој сигурно ќе завршеше во гол.
Шалке дојдоа во предност повторно со удар од белата точка во 45. минута, повторно преку Бенталеб, пред Отаменди да добие втор жолт картон во 68. минута.
Прво беше досуден корнер, пред по интервенција на ВАР, да се досуди пенал, одложувајќи го мечот речиси три минути, пред Набил Бенталеб да израмни на 1:1.Но, тогаш на сцена стапи „четата“ на Пеп Гвардиола – Лирој Сане во 85. минута постигна гол против поранешниот клуб за 2:2, пред Рахим Стерлинг во 90-тата минута да го комплетира пресвртот.
Фото: ЕПА