Top Sport

Ван де Бек ќе го носи дресот со број 34 за својот пријател Нури

Дони ван де Бек ќе го облече дресот со број 34 во Манчестер јунајтед во чест на својот близок пријател Абделхак „Апи“ Нури, тврди британскиот „Дејли мејл“.

Доколку ова се покаже како вистина ќе биде фантастична посвета на својот пријател од детството и поранешен соиграч од Ајакс, Нури, кој доби срцев напад и колабираше на терен на пријателски меч со Вердер во 2017. Тој доби сериозно и постојано оштетување на мозокот и беше во кома три години.

Ван де Бек минатата година кажа една анегдота околу Нури и неговиот помлад брат Роди ван де Бек. Роди бил во болница со тумор на грбот и Нури бил заинтересиран како може да му помогне.

„Тешко ми е да зборувам за тоа бидејќи сакам да го држам внатре во мене. Кога сум тажен, некако излегувам од таа ситуација и не ми бил потребен психолог, бидејќи моите пријатели и семејството се доволни за мене. Апи беше супер среќно момче, кое не мислеше на себе, туку на тие најблиските. Беше најдобар со другите, голема личност. Одеше во посета на затворите во Холандија за да помогне на младите луѓе да добијат нова шанса. Работеше со болни луѓе и деца со пречки во развој. Секогаш ќе го паметам тоа. Кога мојот брат Роди беше болен, Апи покажа неверојатен интерес. Уште не можам да сфатам зошто му се случи тоа“, изјави Ван де Бек во интервју за „Де Телеграф“.

Состојбата на Нури се подобрува, но прогресот е многу бавен!

Scroll to Top