Капитенот Серхио Рамос го помина рекордот на Икер Касилјас и стана шпанскиот фудбалер со најмногу настапи со репрезентацијата, откако беше во стартниот состав за дуелот од квалификациите за Евро 2020 против Норвешка, негов 168. настап за „Ла роха“.
33-годишниот Рамос има освоено две европски титули со Шпанија (2008 и 2012), победувајќи ја Германија, односно Италија, како и светска титула со славната генерација во 2010, кога во Јужна Африка ја победија Холандија. Тој беше стартер и ги одигра сите минути во трите финалиња, и како дефанзивец, успеа да помогне неговата репрезентација да не прими гол.
Рамос, покрај тоа, е и на 10. место на листата на стрелци за „фуријата“, израмнет со Мичел со 21 гол, и само два гола зад легендата на Реал Мадрид, Алфредо ди Стефано.
Својот прв настап за Шпанија тој го имаше во 2005, како фудбалер на Севилја, дебитирајќи во пријателскиот меч против Кина, кога одигра едни полувреме. Првпат ја носеше капитенската лента при импресивната 10:0 победа над Тахити во Купот на конфедерации во 2013 година, а постојано ја доби лентата во 2016, кога Давид де Хеа го смени Икер Касилјас на голот на репрезентацијата.