Бранителот на титулата во Лигата на шампионите, ПСЖ, избори пласман во полуфиналето. „Светците“ и во реваншот го победија Ливерпул со 2:0. Дбата гола ги постигна Усман Дембеле.
ПСЖ стана првиот француски клуб кој стигна до три последователни полуфиналиња од елитното натпреварување.
Ливерпул се обиде да го надомести дефицитот, поткрепен со гласна поддршка од трибините, но ПСЖ беше прв што сериозно се закани. Усман Дембеле имаше добра шанса, но голманот Мамардашвили успеа да интервенира. Набрзо, Французинот имаше уште една шанса, но промаши од непосредна близина.
Проблемите за Ливерпул беа дополнително усложнети кога Уго Екитике мораше да го напушти теренот поради повреда, поради што на теренот влезе Мохамед Салах.
Египќанецот веднаш внесе живост во играта. Неговата топка го најде Конате, кој му ја спушти на Керкез, но голманот Сафонов реагираше брилијантно. Во продолжението на акцијата, Маркињос го спречи Ван Дајк да ја затресе мрежата.
Во второто полувреме, Ливерпул го зголеми притисокот. Коди Гакпо и Џо Гомез имаа обиди, додека пеналот против Алексис Мекалистер беше поништен по проверка на ВАР, по стартот на Вилијан Пачо.
Казната дојде во 70-та минута. Хвича Кварацелија идеално му асистираше на Дембеле, кој се позиционираше на левата нога и со прецизен удар го совлада Мамардашвили.
На самиот крај, ПСЖ ја запечати победата. Баркола асистираше, а Дембеле го постигна својот втор гол за конечни 2:0.
„Светците“ со тоа го елиминираа петтиот англиски клуб во нокаут фазата во последните две сезони и го потврдија статусот на еден од главните фаворити за трофејот.
Од друга страна, Ливерпул останува без ниту еден трофеј оваа сезона, а Арне Слот и тимот сега ќе се борат за петтата позиција во Премиер лигата, што би можело да одлучи и за неговата иднина на клупата на клубот од Енфилд.
Избраниците на Луис Енрике ќе се борат за финалето против подобриот тим од дуелот помеѓу Реал и Баерн. Баварците го добија првиот натпревар во Минхен со резултат од 2:1.
Foto/ EPA
