Top Sport

(Видео) Турците ги уапсија хулиганите од Трабзон

Дванаесет лица се уапсени по насилството што изби по натпреварот од турското фудбалско првенство меѓу Трабзон и Фенербахче, соопшти денеска министерот за внатрешни работи.

„Уапсени се 12 лица кои се идентификувани како инволвирани во инцидентите што се случија по натпреварот меѓу Трабзон и Фенербахче“, напиша министерот Али Јерликаја на социјалната мрежа „Икс“.

„Покрај навивачите кои упаднаа на теренот, уапсени се и пет лица кои преку социјалните мрежи повикуваа на насилство“, додаде министерот.

Инцидентот се случи по поразот од Трабзон на домашен терен (2:3), додека играчите на Фенербахче ја славеа победа. Навивачите на домашната екипа ги нападнаа играчите и тренерот на клубот од Истанбул, додека голманот Доминик Ливаковиќ беше удрен во глава.

„Апсолутно неприфатливо насилство за кое нема место во нашиот спорт, на терен или надвор од него. Сите играчи мора да бидат безбедни да го играат овој спорт каде било во светот“, напиша претседателот на ФИФА, Џани Инфантино на Инстаграм.

Осудувајќи ги „неприфатливите“ настани, Турскиот фудбалски сојуз соопшти дека ќе бидат воведени санкции за одговорните за инцидентите.

Инцидентот во Трабзон е последен од долгата листа на инциденти во турскиот фудбал. Турскиот шампионат беше прекинат една недела во декември, откако претседателот на Анкарагучу физички нападна судија по натпревар.

Scroll to Top