Единсон Кавани се извини за постот на социјалните мрежи кој предизвика бура на реакции во Англија и предизвика истрага од Фудбалската асоцијација (ФА), откако одговори со „Gracias, negrito“ на еден комплимент од негов пријател.
33-годишниот Уругваец постигна два гола и беше човек на одлука при 3:2 победата на „ѓаволите“ над Саутемптон, но зборот „negrito“, иако во јужноамериканските земји нема расистичка конотација, во Англија се сфаќа сосема поинаку.
„Пораката која ја пратив по натпреварот беше наменета како поздрав до мојот пријател, благодарност за честитките кои тој ми ги упати по мечот. Последното нешто што сакав да го направам е да навредам некого, бидејќи сум целосно против расизмот. Ја избришав пораката кога ми беше објаснето дека во Англија може да биде протолкувано поинаку. Би сакал искрено да се извинам за тоа“, напиша Кавани.
Бернардо Силва од Манчестер сити доби суспензија од еден меч и казна во 2019 поради пост на социјалните мрежи во кој Бенжамин Менди го спореди со лик од чоколадо, а Деле Али од Тотенхем оваа година доби казна од еден меч за шега кон Кинезите поради корона вирусот.
Уште поинтересно, во 2011 година, тогашниот напаѓач на Ливерпул и сонародник на Кавани, Луис Суарез доби казна од осум меча за користење на истиот збор „negrito“ кон францускиот фудбалер на Манчестер јунајтед, Патрис Евра. Ливерпул тогаш носеа маички со ликот на Суарез барајќи намалување на казната, но таа остана.