Top Sport

Во Менхенгладбах имаат решение за празни трибини – 50.000 пластични навивачи

Фановите на Борусија Менхенгладбах имаат уникатно решение за замена за виситнските навивачи кога ќе се врати Бундеслигата – поставување на пластични навивачи на трибините, со што не само што ќе се добие атмосфера, туку и ќе се помогне на детска добротворна организација.

Бундеслигата е во „аут“ барем до крајот на април поради корона вирусот, и се очекува кога ќе се врати на програмата, тоа да биде без навивачи. Една навивачка група на „ждребињата“ им дава шанса на навивачите за 19 евра да го постават нивното лице на пластичните фигури кои ќе бидат поставени на стадионот.

„Немаме очекувања, но би сакале да стигнеме до бројка од неколку илјади навивачи“, вели одговорниот од ФПМГ навивачката група на Менхенгладбах, Томас Вајнман.

Од секоја продажба, 2 евра ќе одат во добротворната акција за еден млад навивач на клубот со име Бен кој страда од атрофија на мускулите, а дел од парите ќе одат и кај седумте вработени во фан-клубот чии работи се под закана поради паузата. Остатокот претставува трошоци за производство, со кои ќе се помогне и на две мали работилници во градот.

„Нема да има профит, а кога ’војната’ со вирусот ќе заврши, навивачите ќе можат да си ја понесат фигурата дома како потсетник на овие необични времиња“, се вели на веб-сајтот на ФПМГ.

Scroll to Top