Top Sport

Втор пораз за У-19 репрезентацијата во елитните квалификации

Фудбалската репрезентација на Македонија, играчи до 19 години, доживеа пораз од Унгарија 3:4 (2:2), во второто коло од елитните квалификации за пласман на Европското првенство. Со овој пораз македонските надежи останаа без шанси да се борат за првото место, единственото што носи пласман на континеталниот шампионат.

Лошиот почеток и раниот гол на Унгарците, а потоа и нереализираниот пенал од страна на Атанасов, ги однесе во пораз избраниците на Вујадин Станојковиќ, иако по водството на Унгарија успеаја да направат пресврт.

Мочи по само четири минути игра го совлада Стевковски, а Македонија израмни осум минути подоцна преку Колевски. Ново водство на Унгарија и донесе Шон во 36.минута, а за егал на полувремето се погрижи Митровски кој постигна гол во втората минута од судиското надополнување на времето.

Голема шанса целосен пресврт не успеа да реалзизира Атанасов во 58.минута. Играчот од средниот ред не успеа да реализира пенал. Сепак македонските надежи пресвртот го комплетираа во 64.минута кога Колевски го постигна својот втор гол.

Радоста на избраниците на Станојковиќ страеше три минути кога Луштик од пенал израмни на 3:3. Конечните 3:4 ги постави Беварди во 82.минута.

Во вториот натпревар од ова второто коло, Англија ја совлада Латвија со 3:0.

По две кола Англија води со 6 бода, по 3 бода имаат Унгарија и Латвија, а Македонија е без освоен бод.

Во последното коло, на 27.март, Македонија ќе игра против Англија.

Scroll to Top