Top Sport

За „Спортс илустрејтед“ спортист на годината е Меган Рапино

„Спортс илустрејтед“, најпознатиот американски спортски магазин на светот ја додели наградата за спортист на годината на американката капитенка Меган Рапино, колку поради нејзините успеси на фудбалскиот терен, толку и поради политичката борба која таа ја води. Рапино е прва фудбалерка (или фудбалер), кој ја добива наградата воспоставена во 1954 година.

Рапино стана познато име во САД оваа година, откако ја доби наградата за најдобар играч и беше најдобар стрелец на Светското првенство во Франција, каде што Американките ја одбранија титулата, пред неодамна да ја добие и наградата „Златна топка“ на „Франс фудбал“.

„Беше лесно да се избере Меган. Таа е сила на теренот и надвор од него, легендарна фудбалерка која секој ден покажува колку може да биде гласен гласот на социјално свесните спортисти во 2019“, изјави главниот уредник на „СИ“, Стив Канела.

34-годишната Рапино и членките на нејзиниот тим ја тужеа Американската фудбалска федерација во март за дискриминација според пол, тврдејќи дека се платени помалку од мажите и дека добиваат полоши услови за работа. Медијацијата пропадна во август, и уште не е јасно со кој тим САД, каде што селектор е Македонецот Влатко Андоновски ќе учествува на квалификациските мечеви за ОИ во Токио следниот месец.

Scroll to Top