Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан беше бесен на Ла лига што лигата реши да се одигра мечот со Осасуна и покрај катастрофалните временски услови во Памплона, велејќи дека не постоеле услови за фудбал.
Шпанија е погодена од бурата Филомена, и големи делови од земјата се покриени со снег, што предизвика одложување на мечот помеѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао во саботата. Реал, пак, мораа да патуваат до Памплона и покрај тоа што чекаа три часа да се качат во авионот бидејќи немаше услови за летање.
Теренот „Ел Садар“ на Осасуна беше екстремно тежок за игра и не беше изненадување што мечот заврши 0:0 и Зидан не беше задоволен, посебно бидејќи тимот остана во својот хотел по мечот, без шанси веднаш да се вратат во Мадрид.
„Го направивме тоа што можевме на теренот, но тоа не беше фудбалски меч. Условите не беа тука за игра. Работите што се случија последните два дена беа компликувани и не знаеме како и кога ќе се вратиме во Мадрид. Очигледно, мечот требаше да биде одложен бидејќи немаше услови. Не сакам да критикувам, го правиме тоа што ќе ни го кажат. Ако можеме да се вратиме во Мадрид во понеделик, тогаш во среда имаме друг натпревар“, вели Зидан.