Top Sport

Зидан го стави синот на голот, Реал се намачија за 3:2 победа против Хуеска! (видео)

Старо-новиот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан реши да му го даде вториот старт во првиот тим на својот син, голманот Лука Зидан во меч од Ла лига против Уеска, и тој прими два гола за неочекувано тешка 3:2 победа над Хуеска.

Да бидеме искрени, 20-годишниот Лука Зидан не прими некои шокантно лоши голови, ниту беше толку лош, но сепак, и во Мадрид одлуката тренерот да го постави својот син како стартер пред Кејлор Навас (бидејќи Тибо Куртоа е повреден) беше малку дискутабилна.

Младиот Зидан прими гол уште во третата минута кога Кучо ја затресе неговата мрежа, но „Лос бланкос“ се вратија во игра до полувремето преку повратникот во тимот Иско во 25. минута. Дани Себалјос донесе водство за домаќините на „Сантијаго Бернабеу“ во 62. минута, но упорните гости израмнија во 74. минута преку Ечеита, пред Карим Бензема да ги обезбеди трите поени за Реал во 89. минута.

Инаку, помладиот Зидан дебитираше за Мадрид против Вилјареал на 19 мај минатата година, последниот меч од сезоната, и последниот меч на неговиот татко на клупата во Шпанија пред тој да се повлече по освојувањето на Лигата на шампионите. Тој меч заврши 2:2, а Зидан Јуниор направи една лоша грешка за гостите да израмнат.

„Кралскиот клуб“ останува трет во Шпанија со 57 поени, два помалку од градските ривали Атлетико на второто место и дури 12 зад Барселона на лидерската позиција. Хуеска е на последното место со 22 поени.

Фото: ЕПА

Scroll to Top