Зинедин Зидан реши да не му даде шанса на Герет Бејл да игра во последниот меч од сезоната за Реал Мадрид, понижувачкиот 0:2 пораз од Бетис дома, а по мечот призна дека и да имал четврта замена во мечот, Велшанецот немал да влезе во игра.
„Тој освои многу тука, но тука живееме за сегашностса и за иднината. Нема да го заборавиме минатото. Сметав на други фудбалери во последните неколку недели и да имав четврта замена немаше да влезе во игра. Ги правам тие одлуки како што е потребно, во најдобар интерес за тимот. Не знам што ќе се случи, повторно го кажувам тоа. Ќе видиме кога ќе се вратиме следната сезона“, вели Зидан.
По враќањето во Реал, Зидан има 5 победи, 2 ремија и 4 порази во 11 меча и признава дека и тој е делумно виновен.
„Нема изговори. Мораме да ја прифатиме одговорноста и барем да го даваме максимумот. Беше тешко од стартот на сезоната, но и на крајот со мене. Тоа е реалноста. Следната година ова ќе се смени, тоа е сигурно“, додава Зидан.