Зинедин Зидан е сигурен дека ја има целосната поддршка од клубот и од неговите фудбалери по низата слаби резултати пред саботното гостување кај незгодната Севилја.
Во Андалузија, „кралевите“ патуваат без победа во последните три меча во Ла лига, по поразите од Валенсија и Алавес и ремито со Вилјареал и под Зидан никогаш немале низа од четири меча без победа. Во моментов тие се седум поени зад Реал Сосиедад, иако многу повеќе главоболки предизвикува второтопласираниот Атлетико Мадрид, со кого се соочуваат следниот викенд и кои имаат два меча помалку од „кралевите“.
И во Лигата на шампиони не одеше најдобро – по поразот од 2:0 од Шахтјор во вторникот, Реал треба да не загуби од Борусија Менхенгладбах во последното коло за да се пласира во осминафиналето. Но, Зидан не е загрижен дека ќе добие отказ.
„Имам целосна поддршка од клубот. Не можеме да бидеме среќни кога ќе загубиме, но знаеме каде сме. Имаме среќа што се бориме за овој клуб и тоа ќе го правам до последниот ден, исто како моите играчи. Заедно сме и знаеме што е потребно“, вели Зидан.
Тој се налути на прашањата дали фудбалерите се зад него.
„На крајот, вие медиумите секогаш се обидувате со овие работи, прашувајќи дали фудбалерите се со мене или не. Фудбалерите сакаат да се натпреваруваат и секогаш го покажувале истото кон мене, но тоа не е најважно. Сум бил играч тука, тренер тука, и ја знам историјата со клубот. Критиките не ме загриуваат. Кога нема да победуваме, нормално е дека ќе ги има. Одиме напред“, додава Французинот.