Top Sport

Леброн вели дека е можно враќање во Кливленд

Леброн Џејмс вели дека вратата „не е затворена“ на можен камбек во Кливленд кавалирс, бидејќи неговата последна сезона во НБА лигата сака да ја игра со својот син, открива „Кралот“ во интервју за „Атлетик“.

Џејмс, кој се врати во Кливленд за 18. настап на Ол-Стар натпреварот, ја одработува првата година од двегодишниот договор од 85 милиони долари со Лос Анџелес лејкерс и ќе стане слободен агент во 2023/24, што би била негова 21. сезона во НБА лигата.

„Вратата не е затворена. Не велам дека ќе се вратам и ќе играм. Не знам што ќе донесе иднината и не знам кога ќе бидам слободен, но тоа е идеја“, вели Џејмс.

Џејмс, кој израсна во Акрон, Охајо ги одигра своите први седум сезони во НБА лигата со Кливленд, пред да замине во Мајами хит, за потоа да се врати во Кливленд за дополнителни четири сезони. Тој додава дека би сакал последната сезона во кариерата да ја одигра со својот син, Брони Џејмс, кој игра во средното школо во Сиера Кењон, Калифорнија и би можел да биде на драфтот во 2024 година.

„Мојата последна година ќе ја играм со мојот син. Каде и да е Брони, таму ќе бидам јас. Ќе направам што ќе биде потребно, бидејќи тука не се работи за парите“, вели Џејмс.

Scroll to Top