Top Sport

Легендарниот Џабар критикува: Денешната НБА ми личи на натпреварување за тројки

Еден од најпознатите кошаркари на сите времиња, легендарниот Карим Абдул – Џабар не е голем љубител на стилот на кошарка кој се форсира во НБА лигата. Поранешниот центар смета дека играта ја загубила смислата поради големиот број на шутеви за три поени. На Џабар воопшто не му се допаѓа овој стил.

„Искрено, денешната НБА лига ми личи на натпреварување за тројки. Во мое време имавме десет обиди за три поени во текот на натпреварот, а сега имаш 20 во една четвртина. Некому тоа му се допаѓа, но мене искрено не ми е толку интересно“, вели Џабар.

Најдобриот стрелец во историјата на НБА лигата има дадено тројка само еднаш во кариерата, можеби затоа и не е љубител на ваквиот начин на игра.

„Мислам дека тоа беше мојот единствен шут за три поени во кариерата. Се сеќавам дека топката се одби во корнер, едвај ја фатив, се свртев и погодив. Не сум се обидел ниту порано, ниту оттогаш, и се уште сум најефикасен играч на сите времиња“, се сеќава центарот.

Џабар во својата богата кариера освои шест шампионски прстени, пет со ЛА Лејкерс и еден во дресот на Милвоки Бакс. Тој постигна неверојатни 38.387 поени во кариерата.

Scroll to Top