Кошаркарите на Денвер Нагетс убедливо ги поразија Лос Анџелес Лејкерс со 128:104 во дерби мечот што се одигра во текот на ноќта во НБА лигата.
Натпреварот во Лос Анџелес беше израмнет две и пол четвртини. Во средишницата на третиот период Денвер го подигна нивото на играта со серија 10:0 стигнаа до 77:67, а се беше јасно кога на почетокот на последниот период дојдоа до 105:82.
Лејкерс и покрај овој пораз се лидери во Западната конференција со скор 24-6, додека Денвер ги прескокнаа Лос Анџелес Клиперс и сега се втори со скор 20-8.
Денвер до шестата победа во низа ги предводеа Пол Милсап со 21 поен, односно Гери Херис со 19 поени и пет асистенции. Србинот Никола Јокиќ мечот го заврши со 18 поени, шест скока и пет асистенции.
Лејкерси овој меч го одиграа без Леброн Џејмс, во негово отсуство најефикасен беше Ентони Дејвис со 32 поени и 11 скока. Покрај „Веѓата“ кај Лејкерс двоцифрен број на поени постигна уште само Кајл Кузма.