Бостон Селтикс се првата екипа што го минаа четврт-финалето оваа година во плејоф натпреварите, во НБА лигата. Селтикс им удрија „метла“ на Индијана Пејсерс за вкупни 4:0 во серијата. На победа до пласман во конференциските полу-финалиња се Голден стејт Вориорс, Портланд Трејлблејзерс и Торонто Репторс.
Селтикс до победата над Индијана го предводеше Гордон Хејворд со 20 поени, два помалку постигна Џејсо Тејтум, а Ал Хорфорд и Кајри Ирвинг реализираа по 14 поени. Пејсерс во нивниот последен меч сезонава ги предводеше Бојан Бодановиќ со 22 поени и 8 скока.
Вориорс, го добија и вториот меч во Лос Анџелес против Клиперс. Со победата 113:105 актуелните шампиони во серијата водат со 3:1. Кевин Дурент мечот го заврши со 33 поени, 7 скока и 6 асистенции, а Поен помалку постигна Клеј Топмсон.
Кај Клиперс најефикасни беа Шеи Гилџес-Александер со 25 и Данило Галинари со 16 поени и 7 скока.
Портланд Трејлблејзерс направија брејк во Оклахома со победата 111:98 и веќе во наредниот меч, на домашен терен ќе имаат можност да ја се пласираат во наредната рунда.
Вообичаено бековите ги предводеа Портланд до победата. Си Џеј Мекалум постигна 27 поени, а Демијен Лилард 24 коша. Кај Оклахома се истакна Пол Џорџ со 32 поени, 10 скока и 6 асистенции.
На победа до полу-финалето се и Торонто Репторс, откако на Флорида ги декласираа Орландо Меџик 107:85 во четвртиот меч од серијата.
Носени од Каваи Ленард (34 поени), односно Паскал Сијакам и Норман Пауел со по 16 поени, Репторс без проблеми ја забележаа и третата победа во низа, откако Орландо направија брејк на стартот на серијата.
Кај Меџик најефикасен беше Арон Гордон со 25 поени.