Top Sport

МЗТ: Навивачите се нашата сила, благодариме за поддршката

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром преку соопштение јавно се заблагодари на навивачите за големата поддршка која ја доби на првиот меч од АБА лигата на домашен терен, против евролигашот Партизан.

Повеќе од 5.500 гледачи дојдоа во СЦ „Јане Сандански“ и ги бодреа избраниците на Александар Петровиќ. Атмосферата беше одлична, а организацијата мина во најдобар ред.

„Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром јавно им се заблагодарува на своите навивачи и симпатизери, но и на сите останати кошаркарски вљубеници кои во голем број дојдоа да нѐ бодрат на дуелот против Партизан и покрај тоа што средбата се одигра во работен ден и тоа во ептен рано.

На сите вас ви се поклонуваме до под, со надеж дека ќе ја имамевашата поддршка и на следните дуели, во кои ќе сториме сѐ и да ве израдуваме со победа. Голема благодарност и за тие што од разни причини не можеа да дојдат, но ни изразија поддршка преку социјалните мрежи и навиваа за нас следејќи го натпреварот преку телевизискиот пренос или интернет-статистика. Веруваме дека во првата следна прилика ќе најдете начин да дојдете во „Јане Сандански“ и во живо да ни ја покажете вашата љубов.

Атмосферата во салата и големата исполнетост на трибините го привлекоа вниманието на спортската јавност во целиот регион, потврдувајќи ја исправноста на чекорите кои управата на клубот ги прави по доаѓањето, а тоа е инвестирање во квалитет за враќање и играње во друштво на најдобрите на Јадранот. Со присуството и позитивното навивање без ниту еден инцидент ни дадовте дополнителен мотив да работиме уште понапорно за стабилизација на клубот, формирање уште подобар тим, со цел да успееме во остварувањето на заедничките цели – освојување на домашните титули и продолжување со настапот во АБА.

Сакаме да ве повикаме да бидете со нас и во следниот период, за што прва шанса е дуелот против СЦ Дерби, кој ќе го одиграме на 22 октомври (20.30 часот). Ова е пресметка на која на нашите момци и тоа како ќе им треба вашата помош од трибините, па затоа обележете го со црвено овој датум во календарот, осигурајте си го местото во салата и понесете си енергија за навивање. Сето ова е потребно за заеднички да се избориме за првата јадранска победа на нашиот тим по пауза од четири години, што секако ќе биде дополнителен мотив како за кошаркарите така и за фановите“ – се вели во соопштението на клубот.

Scroll to Top