Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва го пречекуваат Задар од 20 часот во СЦ „Јане Сандански“, но претходно ќе навиваат директниот конкурент Борац Чачак да загуби на гости кај Сплит (18 часот).
По поразот од Борац Чачак во минатото, пред „металците“ е речиси невозможна мисија, бидејќи треба да слават на сите три натпревари до крајот на шампионатот во АБА, а истовремено и треба да чекаат Борац да загуби трипати, за да можат да обезбедат опстанок во регионалното кошаркарско натпреварување.
Тренерот на МСТ Скопје Аеродром, Драган Николиќ, е внимателен пред вечерашниот дуел со Задар.
„Играме против најпријатното изненадување сезонава во АБА, кое успеа да ја совлада силната Ц. Звезда во Белград, што ретко на кого му успеало изминативе години. Задар игра феноменално во транзиција и одлично го напаѓа нискиот пост, а згора на тоа е предводен од одличниот тренер Даниел Јусуп. На нашите кошаркари е да ги извршат обврските зададени на тренинзите неделава, а ако го сторат тоа тогаш може да се надеваме на победа во овој исклучително важен натпревар“, изјави Николиќ.
МЗТ Скопје Аеродром има само четири победи на 23 натпревари во АБА лигата оваа сезона.