Top Sport

Нема продолжување на кошаркарската сезона, ниту шампион

Македонската Прва лига во кошарка нема да ја комплетира сезоната 2019/20, откако девет клуба го одбија предлогот на МЗТ Скопје Аеродром за организирање на скратен плејоф, со што останува досегашната одлука дека шампионатот нема да се доигра, а нема да биде прогласен ниту шампион.

МЗТ Скопје сметаа дека е невозможно да нема шампион оваа сезона во Првата лига, и дека доколку не се прифати нивниот предлог, тие треба да се прогласени за шампиони како првопласирани на табелата.

Во соопштението на КФМ се вели:

„Иако во изминатиот период, КФСМ веќе разговараше со претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, и постигна едногласна согласност, дека не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи за оваа натпреварувачка сезона, го разгледа предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, и истиот го постави на изјаснување пред другите претставници на Здружението на Прва лига-мажи.

Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, ги разгледа сите ставови доставени од страна на претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, кои се однесуваат на предлогот на КК МЗТ Скопје Аеродром, за и околу продолжение на натпреварите во Првата лига-мажи за сезоната 2019/2020.

Врз основа на добиените одговори од страна на сите девет клубови, учесници во натпреварите во Прва лига-мажи (покрај МЗТ Скопје Аеродром како предлагач), кои беа едногласни, и ги потврдија претходно изнесените ставови (освен предлагачот, КК МЗТ Скопје Аеродром, и КК МЗТ Скопје Уни-Банка), одлучено е дека, во овој момент не постојат услови за продолжување на натпреварите во Прва лига-мажи.

Согласно со тоа, овој заклучок донесен во консултации со претставниците на сите екипи учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, ќе биде доставен и даден на усвојување на наредната седница на Управниот Одбор на КФСМ“.

Scroll to Top