Top Sport

Николов: Имаме мотиви за барем една победа против Шпанија и против Украина

Составот на сениорскиот кошаркарски национален тим е подмладен, со некои нови, млади кошаркари, но, сепак, мотивот за успех, за прва победа во квалификациите за Светскиот Куп 2023 е голем кај сите кои веќе четврти ден вредно работат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Еден од нив е и Кристијан Николов, еден од најстандардните во изборот на селекторот Драган Бајиќ, и кој веројатно ќе има голем простор за игра и на претстојните мечеви од квалификациите.

Плејмејкерот потенцира дека најважно е да се борат до самиот крај, дека мора да се даде максимумот, и над сè, да се одигра чесно до крајот на оваа квалификациска трка.

„Очекувам да дадеме се од себе и да имаме борба за секоја топка. Подмладени сме, тоа е точно, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот“ – вели Николов.

Негова, но и желба на соиграчите е овие квалификации да ги затвориме со победа.

„Прв предизвик ни е Шпанија и ние ќе се бориме до крај. Потоа следи Украина на домашен терен. Сакаме победа, затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи. Знам за нив дека ќе дадат се од себе. Ние еден на друг не гледаме како млад и стар, и не се делиме, туку се гледаме како играчи кои можат да играат за репрезентацијата и затоа се овде“ – истакнува Кристијан Николов.

Македонската кошаркарска репрезентација утре патува за Сарагоса, каде на 1 јули ќе игра против Шпанија, а три дена подоцна ја пречекува Украина во СЦ „Борис Трајковски“.

Scroll to Top