Регионалната АБА-лига ги објави термините за плејоф натпреварите што ќе се играат во Втората лига. Разигрувањето ќе започне на 20 март.
Македонски претставник во АБА 2 лигата е екипата на МЗТ Скопје Аеродром. МЗТ на три кола до крајот се наоѓа на третото место на табелата со 14 победи и пет порази и ќе игра во плејофот.
Лидер на табелата е Приморска (18/1), на второто место се Спарс од Сараево (13/6), а за четвртото место конкурираат Динамик (11/8), Сутјеска (11/8) и Борац (10/9).
Полуфиналните натпревари, се игра по системот првиот со четвртиот и вториот со третиот, ќе се играат на две победи. Првиот меч е закажан за 20 март, вториот за 24 март, а евентуалните „мајсторки“ за 28 март.
Победниците ќе играат во финалето, а лигата ќе ја освои екипата што ќе забележи три победи.
Термините за финалето се 1, 2 и 4 април, а доколку биде потребно четвртиот и петтиот меч ќе се играат на 5, односно 8 април.
Победникот ќе избори пласман во АБА-лигата.