Top Sport

Проблеми за Њу Орлеанс, Дејвис побарал трејд

Најдобриот играч на Њу Орлеанс Пеликанс преку неговиот менаџер ги известил челниците дека нема намера да го продолжи договорот со оваа франшиза.

Дејвис, по завршувањето на сезоната може да потпише петгодишен договор „тежок“ 240 милиони долари, но исто така може да стекне статус на слободен играч.

Тој ја одбрал опцијата да биде разменет во екипа која е конкурентна во борбата за титулата.

Неговиот менаџер, Рич Пол, соопштил дека 25-годишниот играч воопшто не е заинтересиран за продолжување на соработката со Пеликанс.

„Ентони сака да биде разменет во екипа што победува во континуитет и што може да се бори за титулата. Сакаше да биде искрен и отворено да ги соопшти своите намери. Тоа е причината што во овој период клубот е известен за неговите намери. Тоа е најдобро решение за него и за иднината на франшизата“, рекол Пол.

Рич Пол е менаџер и на Леброн Џејмс, поради што Дејвис најчесто се поврзува со ЛА Лејкерс. Медиумите шпекулираат дека Лејкерси за Дејвис би ги понудиле младите ѕвезди Брендон Инграм или Кајл Кузма и Лонзо Бол, меѓутоа таа опција наводно била невозможна поради финансискиот аспект.

Дејвис, во НБА лигата влезе по драфтот во 2012 година кога беше прв пик на Хорнетс. Сезонава има просек од 29,3 поени, 13,3 скока и 4,4 асистенции. Пеликанс имаат скор од 22 победи и 28 порази и се наоѓаат на 13.место во Западната конференција.

Scroll to Top