Првото големо дерби на македонската кошарка им припадна на гостите, откако шампионот Работнички стигна до интересна 90:88 победа на гости кај МЗТ Скопје Аеродром за да го задржи совршениот старт на новата сезона во Суперлигата.
Иако резултатот беше тесен и победникот се решаваше во последните минути од мечот, тимот на Марин Докузовски водеше во текот на целиот меч, откако направија +9 на почетокот на мечот, но дозволија „металците“ да се вратат. На полувреме Работнички имаше предност од +3 (45:48), по што во во второто полувреме МЗТ беше екипата во „лов“, пред Работнички да се одвои на 67:59 во третата четвртина.
Сепак, „нишалото“ повторно се сврте на страната на домаќините кои влегоа во последната четвртина со само еден поен негатива, а поведе првпат од стартот на мечот.
Марјан Јанески беше фантастичен за шампионите со дури 30 поени, од кои шест „тројки“, а Чавдар Костов додаде 20, додека кај МЗТ, Андрија Бојиќ имаше 21 поен, а Дамјан Стојановски додаде 14. Ова е прв домашен пораз на МЗТ оваа сезона и втор вкупно, додека Работнички имаат совршени 5-0.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – РАБОТНИЧКИ 88:90 (21:23, 23:25, 23:20, 21:20)
Фото: МЗТ Скопје Аеродром