Top Sport

Скола ја однесе Аргентина во финалето на СП

Репрезентацијата на Аргентина со Луис Скола ќе ја предизвика Шпанија во борбата за светскиот кошаркарски трон. Аргентинците во полу-финалето ја совладаа фаворизираната Франција 80:66 (21:18, 18:14, 21:16, 20:18 ). Аргентинците втор пат во својата историја ќе играат во финалето, откако во 2002 година во Индијанаполис беа поразени од Југославија.

Ветеранот, 39 годишниот Скола во полу-финалето им одржа час по кошарка на Французите, мечот го заврши со 28 поени (3/4 за три), 13 скока и две асистенции. Тој ги постигна клучните две тројки со кој на три минути до крајот Аргентинците се одлепија на недостижни 15 поени разлика.

Аргентинците по Србија, со беспрекорна тимска игра, елиминираа уште еден од фаворитите. Клучната предност ја направија во средишницата на третиот период кога ја достигнаа максималната предност од 15 поени.

Покрај Скола двоцифрен ефект имаа уште Факундо Кампацо (12 поени, 5 скока, 7 асистенции), Габриел Дек (13 поени) и Лука Вилдоза (11 поени, 3 скока, 4 асистенции).

Аргентинските кошаркари успеаја да ја задржат француската осовина Руди Гобер, Нандо Де Коло, Еван Фурние што беше клучот за нивната победа.

Гобер не постигна кош од игра, мечот го заврши со три поени и 11 скока, Фурние реализираше 16 поени со лош процент 6/17, а погоди само една тројка, додека Де Коло заврши со 11 коша.

Најдобра француски играч беше кошаркарот на Њујорк Никс, Франк Нтликина со 16 поени и по два скока и асистенции.

Финалето на Светското првенство помеѓу Аргентина и Шпанија ќе се одигра в недела од 14 часот.

Scroll to Top