Еден од најдобрите кошаркари во историјата на Босна и Херцеговина, Мирза Телетовиќ објави дека се повлекува од спортот за да стане член на Управниот одбор на Кошаркарскиот сојуз на БиХ, прв чекор кон претседателската функција.
33-годишниот Телетовиќ во својата кариера играше за Слобода Тузла, Остенде, Басконија, Бруклин нетс, Феникс санс и Милвоки бакс. Во НБА тој имаше просек од 8.1 поен и 3.2 скокови по натпревар, но последните години го следеа проблеми со здравјето – тромбови во белите дробови, а беше и на неколку операции на коленото.
„По долго размислување, околу тоа што ќе ми се тие нервози, борби со ветерници и други работи, решив дека животот без кошарка за мене не е живот. Затоа на предлог на Кошаркарскиот сојуз на Кантонот Сараево ќе бидам дел од Управниот одбор. Ако помине на Собранието од ноември по принципот на ротација ќе бидам и претседател на сојузот, нешто што го сфаќам многу сериозно“, изјави Телетовиќ.