Неверојатната кошаркарска приказна на ТФТ Скопје продолжува, откако клубот од Тафталиџе со 80:66 (21:17, 20:20, 19:16, 20:13) го победи МЗТ Скопје Аеродром во финалето на Купот на Македонија, односно „Купот Благоја Георгиевски-Буштур“ за прва титула во четиригодишната историја на клубот.
Со победата, не само што ТФТ Скопје стана само деветтиот клуб во историјата кој го освоил Купот, туку и во исто време ги спречија „штрковите“ да стигнат до својата 11-та куп титула и така да го поминат вечниот ривал, КК Работнички. Клучна беше последната четвртина, во која ТФТ беше предводен од Американецот Ландриус Хортон, кој заврши со 23 поени и беше најефикасниот во двата тима.
Претходно, во женското финале, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица стигна до драматична 64:61 победа над Бадел по продолженијата за одбрана на титулата.
Фото: КК ТФТ