Торонто Репторс го израмнија резултатот против Милвоки Бакс, во финалето во Источната конференција на 2-2. Репторс четвртиот меч од серијата го добија со 120:102. Репторс го одбранија домашниот терен и ја вратија серијата во Висконсин, петтиот меч се игра в петок од 2.30 часот.

Не сметајќи ја првата четвртина во која Милвоки ја имаа предноста, во останатиот дел од мечот домашните кошаркари го контролираа резултатот. На почетокот на вториот период Торонто стекнаа двоцифрена предност 41:31, на која гостите не најдоа одговор до крајот на мечот.

Торонто Репторс до победата ги предводеа Кајл Лаури (25 поени, 5 скока, 6 асистенции), Норман Пауел (18 поени), Каваи Ленард (17 поени, 7 скока), Серж Ибака (17 поени, 13 скока) и Марк Гасил (17 поени, 5 скока, 7 асистенции).

Кај Милвоки се истакнаа Крис Мидлтон со 30 поени, 6 скока и 7 асистенции, односно Јанис Адетокунбо со 25 поени, 10 скока и 5 асистенции.