Ванеса Брајант бара огромна отштета од хеликоптерската компанија вклучена во падот на леталото во јануари во кое животот го загубија НБА легендата Коби Брајант и нивната ќерка Џиџи, тврдејќи дека семејството загубило „стотина милиони“ во потенцијални приходи.
41-годишниот Брајант и 13-годишната Џана ги загубија животите заедно со уште седум патници кога хеликоптерот со кој патуваа се урна во Калифорнија. 38-годишната Ванеса Брајант во понеделникот го поднесе својот случај до Врховниот суд во Лос Анџелес против „Ајланд експрес хеликоптерс“ компанијата, чиј пилот Ара Зобајан беше меѓу загинатите на 26 јануари. Документите до кои стигнаа американските медиуми не ја кажуваат точната сума, но посочуваат дека тие загубиле неколку стотини милиони долари во приходи.
„Како резултат на смртта на Коби Брајант и ЏБ, Ванеса Брајат бара економска отштета, не-економска отштета и други мерки кои судот ќе ги смета за праведни“, се вели во тужбата.
Коби Брајант покрај милионите кои ги заработи додека беше активен кошаркар, по пензионирањето ја стартуваше „Мамба спорт академијата“ како и мултимедиската компанија „Гранити студиос“, која доби Оскар за краткиот филм „Драга кошарка“.
Ванеса Брајант уште во февруари поднесе тужба за убиство од небрежност против „Ајланд експрес хеликоптерс“ тврдејќи дека пилотот не направил исправна проценка на временските услови кои резултирале со несреќата.