Top Sport

Англиски фудбалер заглавил со обложување, кариерата му била во опасност

Еден од главните играчи на премирлигашот, Кристал Палас, 28-годишниот Андрос Таунсенд призна дека поради зависноста за обложување за малку ќе му настрадала кариерата. Играчот од среден ред на Палас кој има 13 настапи за „Гордиот Албион“ рече дека на обложувањето се навлекол со 20 години, додека бил играч на Бирмингем Сити.

„Точно се сеќавам на тие сцени. Бев во хотелот пред еден важен меч. Тогаш видов реклама за некоја обложувалница која нудеше бесплатно обложување. Така се тргна“ – вели тој.

Сепак, зависноста се проширила многу брзо и кулминирала неколку години подоцна.

„Игравме полуфинале на доигрување за да влеземе во прва лига. Тоа беше најголемиот меч сезоната, а јас не можев да спијам. Го земав мобилниот и почнав да се обложувам во живо. Облозите се редеа, а јас на еден меч изггубив 46.000 фунти. Во тоа време заработував по 3.000 фунти неделно. Таа вечер го допрев дното. Наместо да сум среќен поради важниот меч, да размислувам за фудбал, јас размислував како да ги вратам загубените пари“ – изјавил Таунсенд.

Фудбалерот раскажува и како успеал да се оттргне од таа зависност.

„Не престанував додека конечно не ме фатија. Фудбалскиот сојуз дозна дека се обложувам и ме казни. Ми се заканија дека ќе ми стават доживотна суспензија од фудбалот. Ќе им бидам благодарен засекогаш што не ме казнија драстично. Разбраа дека не сум учествувал во наместени натпревари, туку сум бил само глупаво момче кој прави глупости“ – додаде фудбалерот на Кристал Палас.

Тој сега е далеку од обложувалниците, неговиот тим е хит во Премиерлигата, а тој заработува по 3 милиони по сезона.

Scroll to Top