Top Sport

Астон Вила издржа едно полувреме со Сити, следуваше потоп (видео)

Шампионот на Англија, Манчестер Сити рутинирано, со 3-0 славеше триумф против екипата на Астон Вила во рамки на 10. коло од Премиерлигата.

„Граѓаните“ имаа иницијатива, создаваа шанси и во првото полувреме, но на паузата се отиде со 0-0.

Бедемот на гостите кој функционираше 45 минути, попушти во првата минута од второто полувреме. Рахим Стерлинг начека една топка на дваесеина метри од противничкиот гол која дефанзивците на Вила не ја расчистија, па го матираше голманот Хитон за 1-0. Ова беше негов 13-ти во 14-тиот меч сезонава.

Белгиецот Кевин Де Брујне во 65 минута стрелаше од левата страна кон голот, никој не ја допре топката, па таа го измами противничкиот голман и заврши во мрежата. Судиите гледаа ВАР снимка, но откако се утврди дека никој не играл со топката на патот кон голот, го признаа погодокот.

Крај на сите дилеми дека бодовите ќе останат на „Итихад“ стави Илкај Гундоган во 70. минута кога умешно стрелаше по еден корнер и мешаница во шеснаесетникот на Астон Вила.

Манчестер Сити ја забележа седмата овосезонска победа во Премиерлигата со која сега има 22 бода, 3 помалку од Ливерпул кој е на чело на ПЛ со натпревар помалку од конкурентот.

Scroll to Top