Top Sport

Аталанта со пресврт-победа над Лацио, најголем профитер – Јуве(видео)

Многу интересен дуел одиграа вечерва Аталанта и Лацио во рамки на 27 коло од Серија А. Во Бергамо, градот кој беше силно погоден од пандемијата на коронавирусот, домашниот тим со пресврт успеа да го победи Лацио, претендентот за Скудетото. Мечот заврши со резултат 3-2 иако гостите од Рим по почетните 11 минути имаа комотни 0-2.

Многу рано, уште во 5 минута „небесносините“ дојдоа до гостинска предност поради автоголот на Де Рун. Само 6 минути подоцна веќе беше 0-2 со голот на Милинковиќ-Савиќ.

Кога се доби впечатокот дека Лацио лесно и убедливо ќе дојде до 3 бода и опасно ќе му се доближи на лидерот на табелата – Јувентус, домашните фудбалери ја запошнаа својата препознатлива игра.

Во 38 минута Госенс погоди за 1-2 за враќање во игра на Аталанта.

Во вториот дел целосен пресврт. Најпрво Малиновски во 66 минута погоди за 2-2, а целосниот пресврт на резултатот беше дело на Паломино, по ударот со глава, во 80 минута. По овој порз на лацијалите, останува предноста од 4 бода на „Старата дама“ на врвот на табелата во Серија А.

Во вториот дуел што се играше во истиот термин, Рома со гол во 85 минута стигна до трите бода во дуелот против Сампдорија.

„Волчицата“ исто како и Аталанта по првиот дел имаше негатива. Со голот на Габијадини во 11 минута, гостите од Џенова водеа на полувреме на „Олимпико“.

Во вториот дел на 1-1 најпрво во 64 минута израмни Џеко, а конечните 2-1 беа повторно дело на истиот играч на 5 минути пред крајот.

Scroll to Top