Францускиот фудбалер, Хатем Бен Арфа (32) е слободен играч откако му истече договорот со тимот на Рен по крајот на сезоната во Лига 1.
Бен Арфа во Рен стигна минатото лето по неславната авантура во ПСЖ, но не се задржа долго ниту на „Роажан парк“.
Сите вљубеници во фудбалот знаат за каков играч станува збор, но поради различни фактори тој никогаш не успеа да го исполни својот потенцијал максимално.
Сега е блиску до нова авантура, во италијанската Серија, пишуваат денеска медиумите на „Чизмата“.
Тренерот на Сампдорија, Еузебио ди Франческо го означил Французинот како голема желба ова лето, а наводно сега и играчот „дал зелено светло“ за реализација на трансферот.
Бен Арфа минатата сезона постигна 9 гола со 6 асистенции на 41 меч за Рен. Тој во минатото ги носеше дресовите на Лион, Њукасл и Ница.