Ајнтрахт Франкфурт и Милан направија размена на фудбалери на последниот ден од преодниот рок во Италија. Португалецот Андре Силва се пресели од Милано во Германија, а Хрватот Анте Ребиќ отиде во спротивна насока.
Преговорите се средија брзо и лесно пред се поради познанството на Фреди Бобич (Ајнтрахт) и Звонимир Бобан (Милан).
Германецот го испофали Ребиќ, кој ќе биде на двегодишна позајмица кај „Росонерите“.
„Звонимир Бобан знаеше дека цел месец сум заинтересиран за Андре Силва, но преговорите започнаа само 3 дена пред крајот на преодниот рок. Преговорите никогаш не одат лесно, но многу полесно е кога преговарате со некого со кој имате пријателска комуникација. Мислам дека го пронајдовме најдоброто можно решение за двајцата играчи. Милан во Ребиќ доби одлично засилување. Тој неколку сезони беше лидер на нашата екипа. Најдобро се снаоѓа на позиција лево крило, а може да игра и како повлечен напаѓач. Физички е јак и верувам дека секој тренер може да ги искористи неговите квалитети“ изјави Фреди Бобич за „Газета Дело Спорт“.