Драма вечерва во салата „Дражен Петровиќ“ во Загреб, тимот на Цедевита во инфарктна завршница загуби од подгоричка Будуќност во третиот полуфинален меч од АБА лигата. Гостите славеа со резултат 78-73.
Џастин Кобс со 23 и Џејкоб Пулен со 14 поени беа најефикасни кај Цедевита, додека Ерл Кларк со 19 и Немања Гордиќ со 15 ја предводеа Будуќност до победата.
Во меч кој изобилуваше со прекини, прекршоци и слободни фрлања иако во најголем дел од мечот Цедевита беше во водство, на крајот потклекна.
Колку неизвесен беше натпреварот говори фактот што Цедевита на 80 секунди пред крајот имаше напад за израмнување при резултат 71-73.
Сепак домашните кошаркари во последите напади беа непрецизни, а играчите на Будуќност беа смирени од линијата за слободни фрлања.
Сега црногорскиот претставник, кој минатата сезона ја освои АБА лигата, во финалниот двобој ќе се судри со белградска Црвена Звезда која во три меча беше подобра од ривалот Партизан. Предноста на домашниот терен ќе ја има Звезда.