Top Sport

Една година по тешката повреда, Нуркиќ се враќа на паркетот

Кошаркарскиот центар на Портланд Треил Блејзерс, Босанецот Јусуф Нуркиќ се враќа на паркетот откако на крајот на минатата сезона доживеа тешка повреда, ги скрши двете коски на потколеницата при победата против Бруклин Нетс.

„Подготвен сум да и помогнам на екипата во борбата за плеј-оф, време е“ – рече Нуркиќ за „Yahoo Sports“.

Американските медиуми прогнозираат дека неговото појавување на паркетот би требало да е на 15 овој месец, на мечот против Хјустон Рокетс.

„Многу работев за да ја вратам потребната форма. Сепак брзината на еден НБА меч е нешто посебно и не може да се реплицира на тренинг“ – рече 213-сантиметри високиот центар од Тузла.

Последниот меч на кој настапи беше на крајот на март 2019. Тој во НБА е од 2014 година, а првите три сезони ги помина во екипата на Денвер Нагетс.

Во Портланд е од 2017., а минатата сезона му беше најдобрата во кариерата. Во просек забележуваше 15,6 поени и 10,4 скока по меч.

Портланд моментно е на 9-тото место во Западната конференција со 28 победи и 36 порази.

Scroll to Top