Андре Онана, голманот на Ајакс зборува отворено на тема – расизам во фудбалот. Тој вели дека на црномурестите фудбалери им е многу потешко да дојдат до врвот во големите клубови. Тој вели дека клуб заинтересиран за неговите услуги не го ангажирал поради неговата боја на кожата.
„Разбрав дека на црномурест голман не му е лесно да стигне до врвот. Во мојата прва сениорска сезона во Ајакс стигнавме во финалето на Лига Европа. По тоа финале, разговарав со заинтересиран клуб, но тие не сакаа да ме ангажираат затоа што нивните навивачи тешко би прифатиле црномурест голман. Тие не ме одбија поради моите квалитети, а тоа го сметам за комплимент“ – вели Онана.
Тој вели дека е горд со бојата на својата кожа.
„Расизмот е присутен. Морам да се носам со тоа на секој гостински меч,но за тоа не зборувам. Горд сум што сум црн и нема да го напуштам теренот поради расистички повици, затоа што расистите токму тоа го сакаат“ – вели Онана.
Тој на оваа тема зборуваше и претходно.
„Не гледам разлика меѓу белите и темните голмани. Исти се, и едните и другите грешат, секој греши. На темните голмани им е потешко да стигнат до врвот, таму нема многу голмани затоа што луѓето имаат предрасуди“ заклучува голманот на Ајакс кој минатата сезона беше една од главните алки во клубот од Амстердам.