Шесткратниот Формула 1 шампион, Луис Хамилтон побара владите низ целиот свет да ги срушат „сите статуи на расисти“ откако викендов во Бристол беше срушена статуата на Едвард Колстон, британска историска личност која е одговорна за економскиот раст на градот, но со пари кои ги заработил како трговец со робови.
Статуата на Колстон стоеше во Бристол од 1895 година, бидејќи тој беше познат по филантропијата со парите кои ги заработил.
„Статуата на трговецот на робови Едвард Колстон е срушена! Нашата земја чествуваше човек кој продаваше африкански робови. Статуа на расист кој направи пари продавајќи човечки суштества мора да биде срушена. Која е следната? Ги предизвикувам сите влади да ги направат овие промени и да го имплементираат отстранувањето на овие расистички симболи“, напиша Хамилтон.
35-годишниот Британец, чија мајка е бела, а чиј татко има потекло од Карибите, потоа ја нападна британската влада за одговорот на пандемијата за корона вирусот. Тој пристигна во Британија од САД во неделата навечер пред 14-дневниот карантин и вели дека не му пречи, туку е зачуден што ова правило неодамна било воведено.
„Ужаснат сум од реакцијата на британската влада на КОВИД-19. Границите требаше да се затворат неколку месеци претходно. Како можеш да дозволуваш луѓе од другите земји без да ги тестираш е зачудувачки. Можевме да заштитиме илјадници човечки животи. Потребни ни се подобри лидери“, додаде Хамилтон.