Словачкиот фудбалски интернацоналец, Марек Хамшик кој 12 години помина како играч на калчолигашот Наполи за шпанска „Марка“ изјави дека елиминација на Барселона би било еднакво на чудо! Хамшик кој моментно е член на кинески Далијан подолг временски период е надвор од терените пред се поради коронавирусот кој се шири во најбројната земја во светот.
Тој го кажа својот став за вечерашниот прв осминафинален меч од ЛШ меѓу Наполи и Барселона кој ќе се одигра во Неапол.
„На некој начин би било чудо да се елиминира Барселона, но во фудбалот се е можно. Наполи мора да одработи добра задача пред домашната публика. Играме многу добро на `Сан Паоло`, победивме речиси се тука, со ПСЖ одигравме нерешено. На `Сан Паоло`ќе ја видите силата на Наполи, на Барселона ќе и биде многу тешко“ – смета Словакот.
Фудбалерот кој за Наполи одигра 520 натпревари и постигна 120 гола во синиот дрес очекува добра фудбалска престава.
„Барса игра своја карактеристична игра, долго ја имаат топката во нозете и го имаат најдобриот светски играч – Меси. Но не смееме да бидеме исплашени за да нападнеме, видовме дека Барса прима доста голови во последно време“ – смета тој.