Француската фудбалска легенда, Ерик Кантона вели дека нема да го гледа Светското првенство во Катар, посочувајќи на катастрофалните услови на работа на илјадници работници кои умреа при изградба на стадионите во богатата земја од Блискиот Исток.
Според легендата на Манчестер јунајтед, Мундијалите мораат да бидат доделувани на земји каде што ќе остане нешто помеѓу популацијата, и во Катар нема да има ништо.
„Да бидам искрен, воопшто не ми е грижа за следното Светско првенство, кое за мене не е вистинско. Во последните децении има многу Олимпијади или Мундијали во земји кои растат, како Русија или Кина. Но, Катар, тоа не е земја на фудбалот. Не сум против идејата да се оддржува првенство каде што има можност за развој и промоција на фудбалот, како во Јужна Африка или САД во 1990-тите. Фудбалот е најпопуларниот женски спорт во САД, има многу имиграција од Јужна Америка и потенцијал за раст. Но, во Катар, нема потенцијал, туку само пари. Само пари и начинот на кој ги изградија стадионите е страшен. Илјадници луѓе умреа и треба да го прославуваме тоа Светско првенство?“, вели Кантона во интервју за „Дејли мејл“.